Поранешната белоруска претседателска кандидатка, Светлана Тихановскаја, која ден по изборите побегна во Литванија, изјави дека протестите на опозицијата во нејзината земја не се завршени, туку само добиле нова форма.

Протестите на опозицијата во Белорусија почнаа веднаш по изборите  со непризнавањето на резултатите од претседателските избори, одржани на 9 август, на кои претседателот Александар Лукашенко го освои својот шести мандат.

Веќе сме подобро организирани. Многу е важно мирните протести да продолжат во каква било форма, не смееме да му дадеме на режимот шанса да каже дека протестите ја изгубија својата сила, бидејќи тоа не е точно. Протестите се менуваат во форма и тоа е нормално – порача Тихановскаја на прес-конференција годинава, оддржана преку видео врска.

Нејзиниот советник за меѓународни работи, Франк Вјачорко, појасни дека во моментов е невозможно да се предвиди во кој правец ќе се движи протестниот бран во Белорусија.

Според него, луѓето се мобилизираат кога ќе се случи инцидент, како на пример кога умре опозицискиот активист Роман Бондаренко.

Треба секој ден да бидеме подготвени за вакво нешто. Луѓето излегуваат на улица под влијание на емоции или одредени фактори. Во следните шест месеци нема шанси протестите да престанат – додава Вјачорко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.