Пограничните служби на Тексас се најдоа на удар на критики од јавноста откако во јавноста се појави видео во кое се гледа како тие качени на коњи со ласо камшикуваат мигранти со темна боја на кожата. Инцидентот се случил во и околу реката Рио Гранде на границата со Мексико.

На видеото се гледа како тексашки коњаници спречуваат и камшикуваат група имигранти од Хаити кои се обидуваат да пренесат храна преку реката.

Веднаш реагираше и Белата куќа, а портпаролката Џен Псаки изјави дека властите се загрижени од оваа ситуација и дека разбира зошто јавноста е згрозена.

Мислам дека сите кои го виделе видеото не сметаат дека тоа е дозволиво или нормално. Тоа се ужасни слики и вакви инциденти не смеат да се случат – изјави Псаки.

Таа додаде дека Белата куќа собира дополнителни информации за ситуацијата.

Претходно беше соопштено дека администрацијата одлучила да депортира илјадници имигранти од Хаити кои во изминатиов период пристигнаа на јужната граница во привремениот логор во Дел Рио, Тексас.

Не се знае дали инцидентот на јужната граница ќе придонесе да се разгледа оваа одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.