Четириесетгодишен Французин, во местото Амете, во близина на градот Кале, е осуден на една ипол година затвор, зошто во собата на децата одгледувал канабис, а полицијата тоа го дознала од неговата седумгодишна ќерка.

Со оглед дека девојчето често отсуствувало од наставата, наставничката сакала да дознае во што е проблемот. Девојчето рекло дека не може да седи во нејзината соба, бидејќи татко ѝ таму одгледува цвеќе, пишува локалниот весник „Ла Вуа ду Норд“.

Откако полицијата извршила претрес на куќата, било забележано дека на целиот спрат се одгледува канабис. Бил пронајден и цел прибор потребен за одгледување на растението.

Пред судот, 40-годишниот татко рекол дека пред три години почнал да пуши марихуана и дека се навлекол, односно дневно пушел од 10 до 15 „џоинта“. Минатата есен требало да ја реновира детската соба, но поради зависноста, одлучил да ја претвори во простор за одгледување на канабис. Рекол дека марихуаната не била наменета за продажба, туку ја одгледувал само за сопствени потреби.

Судот му поверувал, па го осудил на 18 месеци затвор, од кои половина се однесува на условна казна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.