Талибанските власти во Авганистан ја повикаа меѓународната заедница за соработка и добри односи. Тие, сепак, избегнуваат цврсто да се определат за овозможување образование на девојчињата и покрај барањата од меѓународната заедница.

Речиси два месеца откако поранешната влада поддржана од Западот ја напушти земјата, а талибанските сили влегоа во Кабул, новите талибански власти се обидуваат да ги подобрат односите со другите земји за да помогнат да се спречи катастрофална економска криза.

Наместо притисок, меѓународната заедница треба да почне да соработува со нас. Со тоа ќе се запре несигурноста, а истовремено, позитивно би се ангажирале во светот – порача вршителот на должност министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, на настан организиран од Центарот за конфликти и хуманитарни студии во Доха.

Талибанците досега одбиваа да им дозволат на девојчињата да се вратат во средно училиште, што е едно од клучните барања на меѓународната заедница, откако власта во Кабул минатиот месец одлучи да ги отвори училиштата над шестото одделение, но само за момчиња.

Мутаки истакна дека талибанското раководство внимателно ги мери своите потези, но дека е на власт само неколку недели и дека не може да се очекува да ги заврши реформите кои меѓународната заедница не успеа да ги спроведе за 20 години.

Талибанскиот министер ги повтори повиците до Вашингтон да ги одмрзне резервите на авганистанската централна банка во вредност од над девет милијарди долари, кои се чуваат надвор од земјата, но исто така изјави дека власта има приходи од даноци, царински тарифи и земјоделство доколку тие средства останат замрзнати.

Тој нагласи дека меѓународната заедница мора да најде начини да испрати пари за авганистанската економија за да се спречи целосен колапс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.