Бројот на нови случаи на ковид-19 продолжи да опаѓа ширум светот, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) анализирајќи ги бројки на нови случаи на вирусот од минатата недела.

На глобално ниво беа пријавени 3,6 милиони нови инфекции, наспроти 4 милиони новозаразени од претходната недела.

Падот на бројот на нови случаи од минатата недела е првото позначајно намалување за повеќе од два месеци. Бројот на случаи на ковид е намален во секој дел од светот.

Во најновиот извештај за пандемија објавен вчера, СЗО рече дека најголем пад на бројот на нови случаи е забележан во два региона, а тоа се Блискиот Исток (22%) и Југоисточна Азија (16%).

Според податоците, минатата недела имало нешто помалку од 60 000 смртни случаи од коронавирус, што е за 7 проценти помалку од претходната недела. Југоисточна Азија објави пад на смртноста од ковид за 30 проценти, а Западниот Пацифик објави пад од 7 проценти.

Најголем број нови случаи на коронавирусот се пријавени во САД, Индија, Британија, Турција и Филипините.

СЗО изјави дека делта-сојот кој се шири побрзо сега е регистриран во 185 земји и е присутен во секој дел од светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.