Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус ги предупреди земјите што планираат да ги ублажат мерките за борба против пандемијата на новиот корона вирусот да бидат подготвени да реагираат брзо во случај на нова епидемија на Ковид-19.

На виртуелната средба со министрите за здравство на земјите-членки на Г20, Тедрос рече дека е охрабрен од фактот што неколку членки планираат како да ги олеснат социјалните ограничувања поради пандемијата.

Сепак, тој посочи дека е клучно мерките за олеснување на овие ограничувања да бидат спроведени во фази.

– Укинувањето на рестриктивните мерки не значи крај на епидемијата во ниту една земја, туку само почеток на следната фаза, рече Тедрос.

Според него, од витално значење е земјите во таа следна фаза да се едуцираат, ангажираат и да ги подготват своите луѓе за да спречат и брзо да одговорат на секоја нова вирусна појава.

– Земјите да се осигураат дека имаат капацитет да тестираат, изолираат и да се грижат за секој случај, како и да го следат секој контакт и да се осигураат дека нивните здравствени системи имаат капацитет да се справат со секое зголемување на случаите, рече Тедрос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.