Светската здравствена организација препорача двојно зголемување на акцизите за алкохол во Европа како средство за спречување на речиси 5.000 смртни случаи од рак секоја година.

Зголемувањето на акцизите за алкохолни пијалоци е „една од најдобрите мерки“ за спречување на „потенцијално висок удар“ на ракот, соопштија од европската канцеларија на СЗО, додавајќи дека најголема корист ќе имаат земјите како Русија и Велика Британија.

Агенцијата на ОН наведе дека нејзините модел-проекции покажале дека со двојно зголемување на акцизите за алкохолни пијалоци во европскиот регион „годишно може да се избегнат приближно 10.700 нови случаи на рак и 4.850 смртни случаи поврзани со алкохол“.

Ова претставува околу шест проценти од новите случаи на рак и смртни случаи поврзани со алкохол во Европскиот регион на СЗО, кој опфаќа 53 земји и територии и ги вклучува Русија и неколку земји од Централна Азија.

Од регионалната канцеларија на СЗО додаваат дека имаат проценки дека 180.000 случаи и 85.000 смртни случаи секоја година „се предизвикани од алкохол“.

Според СЗО, 4,8 милиони нови случаи на рак се дијагностицирани во Европа во 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.