Помошникот директор на Пан-американската здравствена организација, Жарбес Барбоса, предупреди дека Светската здравствена организација не може да даде оценка за руската вакцина против корона вирусот затоа што не добила доволно информации за вакцината.

Ваквата реакција доаѓа откако рускиот претседател, Владимир Путин објави дека првата вакцина против корона вирус е регистрирана по двомесечно тестирање на луѓе.

На прашањето за плановите за производство на потенцијална вакцина во Бразил, Барбоса изјави дека тоа не треба да се направи сè додека не се заврши втората или третата фаза на тестирање со цел да се гарантира нејзината безбедност и ефикасност.

Секој производител на вакцини мора да ја следи оваа постапка, што гарантира дека е безбеден и има препорака на СЗО – изјави Барбоса на виртуелна конференција во Вашингтон.

Веста дека Русија стана прва земја која регистрира вакцина против корона вирусот предизвика аларм кај експертите за јавно здравје, кои велат дека е тешко да се верува во вакцина за која не се објавени сите податоци од тестовите.

Решена да биде прва во светската трка за развој на вакцина против пандемијата на Ковид-19, Русија допрва треба да спроведе големо клиничко испитување што ќе резултира со податоци за тоа дали вакцината делува, што, според имунолозите и експертите за заразни болести е „лекомислен“ потег, објави Хина.

Русија всушност спроведува експеримент на ниво на голема популација – вели Ајфер Али, специјалист за тестирање на лекови во британската „Ворвик бизнис школа“.

Таа вели дека таквото брзо одобрување може да значи дека нема да бидат откриени можни негативни несакани ефекти на вакцината. Таа предупредува дека тие, иако веројатно ретки, може да бидат тешки.

Франсоа Балокс, експерт во Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека тоа е „невнимателно и глупаво решение“.

Масовното вакцинирање со несоодветно тестирана вакцина е неетички. Каков било проблем со руската програма за вакцинација би бил фатален и со негативни ефекти врз здравјето, а исто така затоа што ќе го одложи прифаќањето на вакцината кај населението – вели Балокс.

Неговите зборови ги потврдува Дани Алтман, професор по имунологија на Империал колеџ во Лондон, кој вели дека колатералното оштетување на примената на вакцината, за кое не се знае дали би било безбедно и ефикасно, би претставувало „несовладливо зголемување на нашите сегашни проблеми“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.