Светската здравствена организација во вторникот ја повика Русија да ги следи меѓународните насоки во производството на вакцина против Ковид-19, откако земјата соопшти дека ќе започне со вакцинирање на населението против коронавирусот во октомври.

Понекогаш поединечни истражувачи тврдат дека нешто пронашле, што секако е извонредна вест, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмејер додавајќи дека: Но, помеѓу пронаоѓањето или индициите да се поседува вакцина која делува и вакцина која ги поминала сите фази е огромна разлика. 

Руската вакцина не е на листата на СЗО од шесте вакцини кои стигнаа до третата фаза на клиничко испитување.

Руските здравствени установи објавија во саботата дека се подготвуваат да започнат масовно вакцинирање против корона вирусот во октомври.

Министерот за здравство Михаил Мурашко изјави дека лекарите и професорите ќе бидат првите кои ќе ја примат вакцината, а потоа постапно и остатокот од населението. Додаде и дека клиничкото испитување на вакцината развиена во Русија е завршено.

Досега Русија не приложи научни податоци за вакцината за научна евалуација.

Истражувачкиот институт за епидемиологија и микробиологија Гамалеја во Москва уште во мај објави дека развиле вакцина, за која велат дека развива имунитет на корона вирус без негативни пропратни појави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.