Првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО) ги поздрави најавите од самитот на Групата седум најразвиени индустриски земји (Г7) за обезбедување вакцини против коронавирусот, но истакна дека на светот му требаат многу повеќе вакцини и дека тие треба побрзо да пристигнат.

Им кажав на лидерите на Г7 дека нашиот предизвик е – за навистина да може да се запре пандемијата до следниот самит на Г7 следната година во Германија мора да вакцинираме најмалку 70 проценти од светската популација, изјави директорот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејсус пред новинарите на самитот во југозападна Англија.

За да го постигнеме тоа, потребни ни се 11 милијарди дози, кажа Тедорс, додавајќи дека е потребно земјите привремено да се откажат од заштитата на интелектуалната сопственост за вакцината против коронавирисот.

Домаќинот на самитот Г7, британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека групата најразвиени земји ќе обезбедат најмалку милијарда дози вакцини, а во текот на следната година половина од ветеното количество ќе дојде од САД и 100 милиони од Велика Британија.

Тедрос повтори дека неговата цел е до крајот на 2021 година да се вакцинираат 30 отсто од населението на секоја земја. За да се постигне таа цел, додаде тој, потребно е да се обезбедат 100 милиони дози во јуни и уште 250 милиони до септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.