Заразата со коронавирус расте со застрашувачка брзина веќе осум последователни недели, предупреди Светската здравствена организација (СЗО), додека вирусот непречено се шири низ жариштата во неколку делови на светот.

Минатата недела беа пријавени повеќе од 5,2 милиони нови случаи, што е најмногу за една недела од почетокот на пандемијата – рече претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, за време на брифингот во Женева во понеделникот.

Смртните случаи исто така се зголемуваат петта недела по ред, рече тој, а пандемијата сега официјално однесе повеќе од три милиони животи.

Гебрејезус предупреди дека темпото на пандемијата се забрзува, дури и кога некои земји ги изнесуваат своите подобрени програми за вакцинација.

Ни требаа девет месеци да достигнеме еден милион смртни случаи, четири месеци да достигнеме два милиони и три месеци да достигнеме три милиони смртни случаи. Големиот број може да нè затапи, но секој од овие смртни случаи е трагедија за семејствата, заедниците и нациите – рече Тедрос.

Откако ќе бидат целосно вакцинирани ризичните групи или постарите возрасни лица и ќе се отворат некои економии, извршниот директор сугерираше дека товарот за ширење на вирусот може да се префрли на помладите возрасни лица.

Тој рече дека инфекциите и хоспитализациите кај луѓето на возраст меѓу 25 и 59 години растат со застрашувачка брзина, веројатно заради многу преносливите варијанти и зголеменото социјално мешање кај младите.

Загриженоста за повеќе млади возрасни лица заразени со коронавирус веќе ја изразија лекарите во некои жаришта – вклучувајќи го и Бразил, каде што новата варијанта предизвика поразително зголемување на хоспитализациите и смртните случаи.

Строгото предупредување на СЗО служи како потсетник за состојбата на пандемијата, која сè уште постои иако се пронајдени неколку вакцини.

Во моментов, најтешка е состојбата во Индија, која е во вториот бран и таму се јавува значителен дел од светските инфекции. Земјата минатата недела пријави скоро 1,5 милион инфекции.

Во меѓувреме, постојат некои знаци на изедначување во третиот бран во Европа, а вакцинацијата започна да се забрзува низ целата Европска Унија.

Сепак, земјите се уште се далеку од прогласување победа над коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.