Регионалниот директор за Европа на СЗО, Ханс Клуге, по состанокот со рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, ја пофали Русија за напорите спроведени при развивањето на вакцината против Ковид-19 „Спутник 5“.

Тоа е првата официјално регистрирана вакцина против Ковид-19, развиена од Институтот за епидемиологија и микробиологија при научно-истражувачкиот центар „Гамалеја“, а која се наоѓа во фаза 3 на испитувања кај околу 2.000 луѓе во светот.

СЗО многу ги цени напорите што ги презеде Руската Федерација за развој на вакцина против Ковид-19. Уште еднаш сакам да ѝ се заблагодарам на Русија за одличните напори да создаде безбедна и ефективна вакцина – изјавиКлуге.

Тој исто така истакна дека Русија му помогнала да обезбеди помош за земјите од Централна Азија среде пандемијата и генерално ја покажала својата посветеност на глобалната солидарност.

Москва веќе има добиено барања за една милијарда дози од вакцината од најмалку 20 земји, но властите истакнаа дека Русија мора прво да се погрижи за своите граѓани.

Руското Министерство за здравство потврди дека лекот ги поминал сите потребни контроли и докажано е дека е способен да гради имунитет против вирусот најмалку две години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.