СЗО Европа денеска повика во текот на зимата училиштата да останат отворени, но со соодветни мерки за превенција и одговор, со оглед на тоа дека Европскиот регион на СЗО четири последователни недели бележи зголемена трансмисија на Ковид-19. Европскиот регион е единствениот со такви бројки, и тиа изнесуваат 57 отсто од новите случаи во светот во третата недела од октомври.

Минатата недела, со брзото приближување на зимата, повеќе од половина од 53-те земји на Европскиот регион на СЗО пријавија забележително зголемување на стапката на инфекција со Ковид-19 кај сите возрасни групи. Додека бројот на нови случаи се зголемија за 18 отсто од европскиот во регион, пет други региони на СЗО пријавија намалување. се посочува во соопштението од Организацијата.

Ова предизвика одговори од националните и локалните власти во регионот. Вкупно 45 земји и територии препорачаа училиштата да останат отворени, со физичко присуство, но со превенција и контрола на инфекции; седум земји избраа целосно или делумно затворање на училиштата, било на национално или на регионално ниво и две држави препорачаа учење на далечина.

Ако и кога се наметнуваат ограничувања за намалување или контрола на преносот, училиштата треба да бидат последните места кои ќе ги затворат вратите и првите што ќе се отворат повторно со соодветни мерки за превенција од инфекција. Накратко: прекинувањето на образованието на децата треба да биде последно средство, потенцира СЗО.

Минатогодишното раширено затворање на училиштата, што го наруши образованието на милиони деца и адолесценти, направи повеќе штета отколку добро, особено на менталната и социјалната благосостојба на децата. Не можеме да ги повторуваме истите грешки – вели д-р Ханс Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Наместо затворање на образовните институции, СЗО препорачува пристап кој бара целото општество да придонесе за намалување на преносот преку широк опсег на мерки, во зависност од степенот на пренесување, на местата каде што се јавува. Ова ги вклучува школските средини, каде физичкото растојание, честото чистење на рацете, носењето маски, обезбедувањето соодветна вентилација во училниците и зголемувањето на пристапот до тестирањето се важни, особено во услови со висока преваленца.

За да се намали влијанието на Ковид-19 во наредните месеци, од витално значење е одлуките на владите и на јавноста да се засноваат на податоци и докази, со разбирање дека епидемиолошката ситуација може да се промени и дека нашето однесување мора да се промени согласно тоа. Науката мора да надвладее над политиката, а долгорочните интереси на децата мора да останат приоритет – особено сега кога голем број земји забележуваат скок во преносот. Имаме поефикасни алатки за справување со овој скок отколку затворање училишта – додава Клуге.

СЗО препорачува вакцинирање на млади луѓе на возраст од 12 до 17 години кои имаат хронични медицински состојби или се во контакт со имунокомпромитирани возрасни лица.

СЗО препорачува употреба на вакцината Фајзер/БиоНТек за оние таквите случаи на возраст од 12 до 17 години. За деца под 12 години, СЗО ќе издаде дополнителни упатства за употребата на вакцините кога ќе се појават нови докази од испитувањата на вакцините.

Досега, во Европскиот регион на СЗО се пријавени 76 милиони случаи на Ковид-19 и 1,4 милиони смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.