Директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, рече дека има „мал знак“ за забавување на случаите на коронавирусот на континентот.

„Би требало да ја видиме светлината на крајот од тунелот, но ова ќе бидат тешки шест месеци“, рече д-р Ханс Клуге.

Клуге рече дека луѓето можат да ги избегнат построгите рестриктивни мерки ако бидат подготвени да се држат до препорачаните мерки.

Кога маските би се носеле 95 проценти, блокадите не би биле потребни, рече тој, додавајќи дека со сегашниот степен на носење маска од 60 проценти, тешко е да се избегне карантинот.

Според д-р Клуге експоненцијалниот скок на случаите на коронавирусот низ европскиот континент го оправдува преземањето рестриктивни мерки и додаде дека овие мерки се „апсолутно неопходни“ за да се запре пандемијата.

Тој предупреди дека во овие „досега невидени времиња“ можеби ќе бидат потребни уште подрастични чекори.

Клуге предупреди дека пребрзото укинување на изолацијата без да се задржат другите мерки може да доведе до повторно појавување на инфекција со коронавирусот. Тој повика на систем во степени што може да означува јасни мерки во зависност од пренесувањето на инфекцијата во заедницата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.