Ширењето на коронавирусот надвор од Кина не доведе до пандемија, туку до епидемија, според Светската здравствена организација (СЗО).

Сè уште не е јасно дали може да се запре ширењето на коронавирусот, што предизвика големи жаришта во неколку земји, соопшти СЗО.

Инфекцијата започна во Кина, каде што достигна врв, а бројот на нови случаи на заразени во азиската земја опаѓа.

Пандемија значи широко распространување низ многу континенти, објаснуваат од СЗО.

Ние сме охрабрени од постојаниот пад на (нови) случаи во Кина“, рече извршниот директор на организацијата Тедрос Аданом Гебрејсус на прес-конференција. „Клучната порака што треба да им даде надеж, храброст и доверба на сите земји е дека овој вирус може да се контролира, додаде тој.

Тим меѓународни експерти, предводени од СЗО, кои беа во Кина минатата недела, заклучија дека епидемијата го достигнала својот врв помеѓу 23 јануари и 2 февруари, а од тогаш бројот на заразени лица постојано се намалува, рече Гебрејсус.

Тимот откри дека „преземените мерки во Кина спречиле значителен број нови случаи“ на заразени, додаде шефот на СЗО, без да прецизира кои мерки се вклучени.

Сепак, Гебрејсус, исто така, ги опиша епидемиите што се појавија последниве денови во Италија, Иран и Јужна Кореја како „многу вознемирувачки“.

Во моментов има 79.446 потврдени случаи на заразени во 28 земји на Ковид-19, болест предизвикана од коронавирус, вклучувајќи и 2.641 смртни случаи.

Некои специјалисти за инфективни болести веруваат дека сега ќе биде невозможно да се запре ширењето на респираторниот вирус на глобално ниво, со оглед дека лесно се шири кај луѓето без веднаш да се забележат неговите симптоми.

СЗО не го потврдува ова.

Ние сè уште веројатно ќе можеме да го контролираме вирусот и да го прекинеме неговото ширење. Но, вирусот може да стане ендемичен модел на пренос, сезонски модел, или може да забрза до полно развиена глобална пандемија. Во овој момент, не е можно да се каже која од овие опции ќе се случи, “, рече на прес-конференција Мајкл Рајан, шеф на здравствени итни случаи на СЗО.

СЗО ја заснова својата проценка на тоа дали некоја болест ќе прерасне во пандемија поради нејзината географска распространетост, сериозноста на болеста и нејзиното влијание врз општеството, рече Гебрејсус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.