Од 1 февруари, рокот за поднесување барање до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ќе се скрати од шест на четири месеци по конечната одлука на највисокиот домашен суд.

Промената на рокот за поднесување барања до Судот произлегува од Протоколот број 15 кон Европската конвенција за човекови права и потенцијално се однесува на 830 милиони луѓе кои живеат во 47-те земји-членки на Советот на Европа кои се потписнички на оваа конвенција.

Од 1 февруари 2022 година, рокот за поднесување барање до Европскиот суд за човекови права ќе се скрати од шест на четири месеци од конечната домашна судска одлука во случајот (обично пресуда на највисокиот суд во земјата) – соопшти судот.

Текстот за изменување и дополнување на Конвенцијата стапи во сила на 1 август 2021 година, но предвидуваше преоден период до 1 февруари 2022 година пред амандманот да стапи во сила.

Од 1 февруари подносителите и нивните адвокати ќе треба да го испочитуваат новиот рок за поднесување барања до ЕСЧП, во спротивно нивното барање ќе биде прогласено за неприфатливо – соопшти судот.

ЕСЧП е меѓународен трибунал основан во 1959 година со седиште во Стразбур. Одлучува за поединечни или меѓународни барања кои се однесуваат на повреди на граѓански и политички права содржани во Европската конвенција за човекови права. Конвенцијата ја ратификуваа 47 земји.

До Судот секој година пристигнуваат по повеќе од 50.000 нови барања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.