Полицијата на Хаити соопшти дека меѓу осомничените за убиството на претседателот Жованел Моиз е и судијка од Врховниот суд.

Во соопштението се вели дека судијката се сретнала со колумбиските платеници кои го ликвидирале претседателот.

Издадена е потерница за судијката Вендел Кок Тело, која беше отпуштена кога Моиз во февруари годинава објави дека е планиран државен удар против него. Засега не е познато каде се наоѓа таа.

Колумбиските платеници и двајца Американци со потекло од Хаити, кои беа уапсени по убиството на Моиз на 7 јули, рекле дека се сретнале со судијката Кок Тело.

Неколкумина од нив изјавија дека биле во нејзината куќа и во полиција доставија документи потпишани за време на тие состаноци, изјави портпаролката на хаитската полиција Мари Мишел Верије.

Постојат многу отворени прашања во врска со убиството на претседателот на Хаити, меѓу другото, и како убијците успеале да го поминат обезбедувањето во куќата на Моиз.

Еден од највисоките функционери на администрацијата Моиз беше уапсен под сомнение дека соработувал со убијците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.