Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска ја осуди Турција за одредување истражен затвор за новинар кој бил осомничен за пропаганда во корист на организации за кои се смета дека се терористички, и покрај отсуството на веродостојни докази, јави дописникот на МИА.

Судиите на ЕСЧП едногласно одлучија дека ова затворање претставува повреда на правото на слобода и безбедност, загарантирано со член 5 од Европската конвенција за човекови права. Тие, исто така, со мнозинство гласови утврдија дека има повреда на правото на слобода на изразување (член 10). Судот се изјасни по жалбата од Ахмет Сик, новинар кој работеше за опозицискиот дневен весник „Чумхуријет“, а кој беше уапсен во неговиот дом и приведен во затвор во декември 2016 година.

Сик беше осомничен за „вршење пропаганда за организации кои турската Влада ги смета за терористички“: Работничката партија на Курдистан (ПКК), Партијата за револуционерен фронт за ослободување на народот (ДХКП-Ц) и ФЕТО, кратенка за мрежата на проповедникот Фетула Ѓулен, обвинет од Анкара дека го поттикнал неуспешниот државен удар од 2016 година.

Ахмет Сик беше испрашуван за написите објавени од весникот и пораките објавени на социјалните мрежи, пред да биде ставен во истражен затвор во траење од една година и два месеци, до март 2018 година.

Судиите нагласија дека написите на Ахмет Сик „имаат вредност на новинарски информации и придонесуваа за јавната дебата во Турција“. Тие заклучија дека нема никакви разумни причини да се сомневаат дека Сик извршил кривично дело и дека неговото затворање претставува мешање во остварувањето на неговото право на слобода на изразување.

Турскиот судија и литванскиот судија изразија делумно спротивставени мислења.

Судот и наложи на Турција да му исплати 16.000 евра на новинарот за нематеријална штета.

По неговото затворање, во април 2018 година Сик од суд во истанбил беше осуден на седум години и шест месеци затвор. По жалбата од новинарот до Врховниот суд, случајот во моментов се уште е во тек.

На почетокот на ноември, ЕСЧП веќе ја осуди Турција за ставање во затвор на 10 новинари од опозицискиот дневен весник Чумхуријет во 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.