Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Букурешт изјави дека очекува шефовите на дипломатиите на членките на Алијансата на денешната средба да потврдат дека вратите на воената алијанса се отворени за нови членки.

Покажавме во претходните години дека нашите врати се отворени за нови членки, тоа го покажавме со влезот на Црна Гора и Македонија, а сега и со Шведска и Финска, чие пристапување се очекува наскоро, изјави Столтенберг по пристигнувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО.

Столтенберг потсети дека НАТО соопшти дека Украина ќе стане членка на алијансата, и очекува сојузниците да го потврдат тој став денеска и утре, но изјави дека сега „главниот фокус е на поддршката на Украина бидејќи се води војна“.

Ние сме насред војна и не треба да правиме ништо што би можело да го поткопа единството на сојузниците. Треба да обезбедиме воена, хуманитарна и финансиска поддршка за Украина бидејќи мораме да го спречиме Путин да победи и да обезбедиме Украина да остане суверена, независна земја, рече тој.

Столтенберг рече дека сојузниците од средбата во Букурешт треба да испратат „јасна порака“ дека ќе ја зголемат поддршката за Украина, како во однос на обновата на уништената инфраструктура, така и во однос на ракетните системи за нејзина одбрана од руската инвазија.

По денешниот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на министрите за надворешни работи на членките на алијансата, Финска и Шведска, на работната вечера ќе им се придружи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Столтенберг денеска го предупреди Иран и другите земји дека не треба да и помагаат на Русија во војната против Украина.

Путин покажа подготвеност да им нанесе страдање (на граѓаните на Украина) и ниво на бруталност што не е забележано од Втората светска војна. Ниту една земја не треба да ја поддржува илегалната војна на Русија и затоа Иран или која било друга земја не треба да ја снабдува Русија со проектили и беспилотни летала, со што и овозможува да ја продолжи војната против Украина, рече генералниот секретар на НАТО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.