До крајот на оваа година, градот Брисел планира да обезбеди сигурно место за корисниците на дрога. Идејата на градоначалникот, Филип Клоз, доаѓа од неговиот став дека репресијата кон зависниците не може да биде одговор.

Весникот „Ле Соар“ објавува дека Клоз, денеска во Советот на Европа во Стразбур ќе го презентира овој нов проект на градот.

Сакаме социјален и здравствен пристап. Да бидеме јасни, со оваа иницијатива не промовираме дроги, но корисниците имаат право да имаат безбеден локал за нивната консумација каде ќе добијат и социјална поддршка – изјави Клоз.

Се очекува до декември во центарот на Брисел да се инаугурира првиот локал во градот со поддршка на невладиниот сектор. Државните средства за овој проект ќе изнесуваат околу 1,7 милиони евра.

Брисел очекува дека со овој пристап ќе се намалат ризиците за корисниците на дроги, но и дека ќе имаат место каде нема да се чувствуваат осудувани и стигматизирани од средината.

За пристап до локалот корисникот треба да исполнува два услова: да биде полнолетен и да има проблематична консумација на дрога. При првата посета корисникот прво ќе се сретне со социјален работник со кого ќе обработи анализа на неговиот профил.

Предвидено е да има повеќе простории: за инхалација и инјекција. Локалот ја става на располагање само опремата, но не и дрогата. Присутен ќе биде и медицински персонал, посебно за да им помогне на лицата кои интравенозни користат дроги поради ризик од повреди при инјектирање, како и за дезинфекција на опремата.

Медицинскиот персонал, исто така, ќе има обврска да ја провери здравствената состојба на корисниците за да се избегне предозирање или други фатални последици.

Начелно е предвидено локалот да има пет места за инјекција и пет за инхалација, отворени пет дена во неделата од 10 до 18 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.