Американскиот државјанин Стивен Забиелски (52) бил убиен за време на борбите во Украина минатиот месец, објави Стејт департментот, пренесува „Ројтерс“.

Во соопштението, портпаролот на Стејт департментот ја потврдува смртта на Забиелски во Украина и вели дека Секретаријатот на САД е во контакт со неговото семејство и ја обезбедува „сета можна конзуларна помош“.

Забиелски загинал во борбите на 15 мај, се вели во некрологот објавен на почетокот на овој месец во локален весник во северниот дел на Њујорк, а во понеделникот се објавени неколку медиумски извештаи за неговата смрт, наведува британската агенција.

Веста за неговата смрт дојде откако беше објавено дека неколку американски борци исчезнале во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот потврди дека двајца Американци од Алабама, Енди Таи Нког Хуин (27) од Тринити и Александар Друке (39) од Тускалоса, биле заробени додека се бореле на украинска страна.

Американските граѓани заробени за време на воените дејствија во Украина мора да одговараат за своите постапки и за нив не важат Женевските конвенции – изјави Песков.

Во интервју за МСНБЦ во понеделникот, тој ги нарече заробените Американци „платеници кои учествувале во нелегални операции на територијата на Украина“, пренесе Интерфакс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.