Новогодишната ноќ во Европа помина без прослави на градските плоштади и улици. Тоа што не изостана беа огнометите, но концертите беа виртуелни, без публика.

Во Берлин на Бранденбуршката порта, каде што претходните години стотици илјади луѓе ја прославуваа Новата година со концерти и огномет, овој пат сè беше празно. Концертот без публика го пренесуваше германската јавна телевизија ЗДФ.

Властите во Берлин им забранија на граѓаните да користат пиротехника на јавни места, но во Берлин сè уште можеше да се слушнат петарди. Овој пат, берлинците испукуваа петарди и ракети од своите домови, што предизвика помали пожари. Така, за шест минути по полноќ, пожарникарите во Берлин добија 18 пријави за пожари предизвикани од пиротехника.

Во Париз, полицискиот час почна во 20 часот. Елисејските полиња, кои се преполни за новогодишната ноќ, овој пат беа празни, а можеа да се видат само полицајци. Но, затоа познатиот композитор за електронска и амбиентална музика Жан-Мишел Жар одржа виртуелен концерт во катедралата Нотр Дам, којашто беше сериозно оштетена во пожар во април 2019 година.

Жар всушност свиреше во живо во студио во Париз, каде со помош на дигитална технологија, изгледало дека свири во катедралата Нотр Дам.

И на улиците во Русија беше тивко. Традиционалниот огномет се одржа во Москва, но баровите и рестораните беа затворени пред полноќ.

Црвениот плоштад исто така беше затворен и добро чуван од полициските сили.

Полицискиот час што важи во Италија, исто така, ја претвори новогодишната ноќ во дигитално искуство, а настапите на музички sвезди,меѓу кои и Џана Нанини, можеа да се видат преку видео стриминг.

Употребата на пиротехника е забранета во Рим до 6 јануари.

Плоштадот во Прага, исто така беше празен и добро чуван од полициските сили, бидејќи во Чешка е на сила полициски час со почеток во 21 часот.

Затоа, пак, многу градови во Грција подготвија раскошен огномет, а грчките медиуми објавија дека тоа било една од најспектакуларните пиротехнички изведби на сите времиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.