Членови на тимот што го извршил убиството на саудискиот новинар и дописник на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, биле обучувани во САД.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, убијците немале директна обука за елиминација на 60-годишниот новинар и не биле обучувани директно од американските безбедносни сили, меѓутоа имале обука во САД од поранешни американски војници и тоа со дозвола од американскиот Стејт Департмент.

Паравоената обука што ја добиле четворица од тимот што го уби Кашоги се случила во исто време кога нивната тајна единица е дел од масовна кампања на киднапирања, затворања и измачување на саудиски граѓани по наредба на престолонаследникот Мухамед бин Салман.

Обуката била извршена од „Тиер 1 груп“, која е во сопственост на компанијата „Серберус капитал менаџмент“, вредна милијарди долари. Од „Тиер 1“ велат дека обуката опфатила „безбедно стрелање“ и „спротивставување на напад“ и дека по природа била одбранбена и осмислена за подобро да ги заштити саудиските лидери. Подоцнежна истрага покажала дека обуката што тие ја добиле во САД не била поврзана со „гнасното дело“.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, иако нема докази дека американските функционери кои ја одобриле обуката знаеле во што се вмешани Саудијците, останува фактот дека американската влада одобрила обука на високо ниво за оперативци кои го спровеле убиството на новинарот.

Исто така се нагласува опасноста од воени партнерства со репресивни влади и демонстрира колку малку надзор постои откако обучените ќе се вратат дома – се наведува во текстот на „Њујорк тајмс“.

Саудиската кралска гарда добила дозвола за обука уште во 2014 за време на администрацијата на Обама, а обуката продолжила најмалку до крајот на 2017, првата година од владеењето на Трамп.

„Тиер 1“ првично е формиран за обука на американски граѓани и воен персонал, меѓутоа како што се намалува американскиот буџет за воени интервенции во странство тие почнуваат да бараат клиенти надвор од САД. За обуката на кој било странски државјанин компанијата прво мора да побара дозвола од Стејт департментот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.