Советот на Европа изрази жалење поради „генерално недоволниот“ напредок на Австрија во борбата против корупцијата во судството или политичките кругови

Австрија спроведе задоволително (…) само две од деветнаесет препораки издадени во 2017 година – се наведува во извештајот на Групата на држави против корупција (ГРЕКО), тело на Советот на Европа.

ГРЕКО на тој начин забележува дека „многу ниското ниво на усогласеност“ со нејзините препораки „не се сменило“ без оглед дали станува збор за „транспарентноста на законодавниот процес“ или за „кодексот на однесување за членовите“ за прашања како што се судир на интереси или декларации за имот.

Во однос на судиите и обвинителите, ГРЕКО смета дека е „за жалење што значителен број мерки“ предвидени од 2018 година „сè уште не се финализирани“.

ГРЕКО укажува на недостатоци во процесот на избор на судии или нивно оценување, дури и ако забележа „напредок“ со нови одредби кои им забрануваат истовремено да имаат политички или етички функции. ГРЕКО бара од Австрија да достави извештај за напредокот на спроведувањето на нејзините препораки „што е можно побрзо, а најдоцна до 30 септември 2021 година“.

Австрија последните години ја тресеа неколку скандали со корупција. На 11 февруари, повторно беше извршен упад во домот на австрискиот министер за финансии, близок до канцеларот Себастијан Курц, откако судовите се сомневаа дека е вмешан во тајно финансирање на Конзервативната партија од глобалниот гигант за игри на среќа Новоматик.

ГРЕКО во моментов ги обединува 47-те земји-членки на Советот на Европа, како и Белорусија, Казахстан и САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.