Куба повторно е отворена за туристи, откако со својата домашно развиена и произведена вакцина успеа да го запре ширењето на корона вирусот.

По тешки дванаесет месеци, кога пребрзото отворање на земјата ја интензивираше пандемијата, смртните случаи го достигнаа врвот и државата повторно воведе „затворање“, успешната програма за вакцинација ја забави пандемијата во земјата. Куба сега е една од ретките земји со пониски приходи каде што не само што е вакцинирано мнозинство од населението, туку и единствената што го направи тоа со вакцина што ја развила сама.

Кога почна пандемијата, Куба одлучи да не чека на остатокот од светот да развие вакцини. Тамошните власти знаеја дека 60-годишното економско ембарго на САД против земјата ќе спречи да Куба да добие вакцини произведени од САД.

Најдобро беше, за заштита на нашето население, да бидеме независни – изјави Висенте Верез Бенкомо, генерален директор на Институтот за вакцини „Финлеј“ во Хавана.

Институтот Финлеј и другите државни биотехнолошки центри на Куба почнаа да развиваат свои вакцини против Ковид-19 со надеж дека барем една од нив ќе биде ефикасна. Според резултатите добиени на 6 ноември, Верез Бенкомо и неговите колеги информираа дека една од вакцините на институтот, Соберана 2, е повеќе од 90 отсто ефикасна во заштитата од симптоматски Ковид-19 кога се користи во комбинација со сродна вакцина. Посебно се истакнува дека комбинацијата се чини дека е ефикасна против високо преносливата Делта варијанта на корона вирусот, која предизвика пораст на хоспитализации и смртни случаи ширум светот и сега е одговорна за речиси сите случаи на Ковид-19 во Куба.

Според податоците објавени на 18 ноември, 89 отсто од населението на Куба, вклучително и деца на возраст од 2 години, примиле најмалку по една доза Соберана 2 или од другата кубанска вакцина, наречена Абдала, која се произведува во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија (ГИЦБ) во Хавана. Центарот во јули објави дека Абдала, вакцина што се зема во три дози, била повеќе од 92 отсто ефикасна во испитувањата во третата фаза кои опфатиле повеќе од 48.000 учесници, но целосните резултати сè уште не се објавени.

Регулаторната агенција на Куба ги одобри вакцините Абдала и Соберана 2 за употреба кај возрасни во јули, односно во август, а здравствените работници почнаа да ги имунизираат децата со двете вакцини неколку месеци подоцна.

Земјата почна да ги извезува двете домашни вакцини во Венецуела, Виетнам, Иран и Никарагва. Куба побара од Светската здравствена организација да ги одобри нејзините вакцини, што е важен чекор за да се овозможи да бидат достапни во светот во развој.

Во развојот на Соберана 2, групата на Верез Бенкомо ја искористи својата постоечка технологија за „конјугирана“ вакцина. Конјугираните вакцини на Финлеј земаат протеин или шеќер од бактерија или вирус и хемиски го поврзуваат со безопасен фрагмент од протеин невротоксин од бактеријата тетанус. Комбинацијата предизвикува посилен имунолошки одговор од која било компонента сама по себе. Во светот се користат конјугирани вакцини против менингитис и тифус, а Куба со години ги имунизира децата со вакцина од овој тип.

Тимот на Верез Бенкомо ја адаптираше технологијата на конјугирана вакцина за да се справи со Ковид-19. Откако повеќе од 14.000 луѓе примија две дози од вакцината во третата фаза од студијата, ризикот од симптоматски Ковид-19 кај примателите беше намален за 71 отсто, во споредба со плацебо групата со иста големина – ефикасност слична на вакцините направени од „Џонсон и Џонсон“ и „АстраЗенека“.

За да се подобри оваа заштита, тимот на Финлеј им даде трета доза на учесниците во истражувањето. Истражувачите претходно тестирале вакцина наречен Соберана плус на луѓе веќе болни од Ковид-19 и откриле дека го подобрува нивниот имунолошки одговор. Така, тие им дадоа Соберана плус, вакцина која се базира само на протеинот РБД на друг сет од 14.000 учесници кои веќе примиле две дози Соберана 2 и откриле дека третата доза ја зголемила вкупната ефикасност на 92,4 отсто.

Верез Бенкомо вели дека Институтот Финлеј може да произведува 10 милиони дози Соберана 2 месечно. За понатамошно тестирање на вакцината, тој и неговите колеги соработуваа со Институтот Пастер во Техеран за да спроведат слично тестирање со 24.000 лица во Иран и очекуваат тие резултати да бидат наскоро објавени.

Вакцината Абдала на ЦИГБ, исто така, прави голем напредок. Како и кај Соберана 2, технологијата зад вакцината е адаптирана од постоечка вакцина – онаа за хепатитис Б што Куба ја разви и ја користи многу години. Истражувачите конструирале клетки од квасец за да произведат дел од РБД различен од оној што се користи во Соберана 2, а потоа го прочистиле протеинот за употреба во Абдала. Истражувачот на ЦИГБ, Мерардо Пујол Ферер, вели дека 24 милиони дози биле администрирани на 8 милиони луѓе во Куба, што им дава на истражувачите голем сет на податоци со кои може да се следи безбедноста и ефикасноста. Тој вели дека тимот планира да ги објави своите податоци подоцна овој месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.