По неделните делумни предвремени избори во шест општини во Албанија, нови градоначалници во пет од нив се кандидатите на владејачката Социјалистичка партија, додека во една кандидатот на крилото на демократската партија, предводено од Сали Бериша, кој настапи под слоганот на коалицијата „Дом на слободата“.

Нови градоначалници се социјалистите Рахим Спахиу во Пешкопеја, Емириана Спахо во Драч, Ериселда Сефа во Љушња, Едисон Мемола во Рогожина и Блерим Шера во Вора и Бард Спахиа, од крилото на Бериша, во Скадар.

Нивниот градоначалнички мандат ќе трае нешто повеќе од една година, односно до редовните избори во јуни следната година.

По овие избори од 61 општина социјалистите се на чеко на 59 општини, една(Скадар) е на крилото на Бериша и една (Финиќ) на партијата на грчкото малцинство, МЕГА.

По неуспехот на изборите разочарувањето во редовите на демократите е големо и се погласно се бара оставка од лидерот Љуљзим Баша.

На седница со парламентарната група на партијата, дел од членовите побарале итна оставка на Баша, по шестиот, како што го оценуваат, последователен изборен пораз, од кога тој е лидер на партијата.

Агрон Ѓекмаркај си поднесол оставка од функцијата потпретседател на партија и најавил дека во парламентот ќе делува како независен кандидат а тоа го најавиле и други доколку „не се смени актуелната состојба во партијата“.

Дел од челновите на пратеничката група побарале да се стори се за надминува на недоразбирањата во партијата и да се врати единството.

Баша од своја страна изјавил дека не чувствува морална одговорност за да поднесе оставка, туку сите порази, па и овој ги препишува на „кражба на гласови“. За попладнево тој закажа средба со претседателите на општински ограноци на партијата.

Тој на чело на партијата е од 2013 година, кога по поразот на парламентарните избори се повлече Бериша.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.