На вчерашните избори во германската сојузна покраина Долна Саксонија, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) остана најсилната партија во локалниот парламент, додека десничарската Алтернатива за Германија (АфД) двојно го зголеми бројот освоени гласови.

Според првичните резултати, СПД доби 33,3 отсто од гласовите, што е за 3,6 отсто помалку од изборите пред пет години.

Поранешниот коалициски партнер на СПД во Долна Саксонија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), освои 27,9 отсто од гласовите, што е за 5,7 отсто помалку од последните избори.

Зелените, кои се со СПД во коалициската Влада на федерално ниво, го подобрија својот резултат на 13,8 отсто од гласовите што е за 5,1 отсто повеќе во споредба со последните избори.

АфД со 11,6 отсто повеќе од двојно го зголеми бројот на гласови во однос на последните избори кога освои 5,4 отсто од гласовите.

Либерално-демократската партија (ФДП) успеа да го мине петпроцентниот изборен праг, додека партијата Левица и овојпат не успеа да влезе во парламентот на Долна Саксонија.

Излезноста од 60 отсто беше за околу три отсто помала од пред пет години.

Аналитичарите успехот на АфД го поврзуваат со незадоволството кај дел на гласачите во однос на мерките што сојузната Влада ги донесе за ублажување на финансискиот товар наметнат од инфлацијата.

На резултатот влијаело и незадоволството кај дел на гласачите поради големиот број бегалци што доаѓаат во земјата, пред се оние од Украина. Така 33 проценти од испитаниците сметаат дека е добро што АфД сакаат намалување на приливот на бегалци, а 18 отсто изјавуваат дека ги поддржуваат барањата на АфД за намалување на санкциите против Русија.

Според истите анкети, прашањето околу снабдувањето со енергенси и задржување на благосостојбата одиграло пресудна улога.

Останува отворено прашњето дали Стефан Вели од СПД што веќе десет години е на чело на Долна Саксонија ќе ја продолжи коалицијата со ЦДУ или ќе работи на формирање влада со Зелените, како што најавуваше во текот на предизборната кампања.

Долна Саксонија со околу осум милиони жители е четврта по бројност сојузна покраина, со изразено развиени индустрија и земјоделство. а



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.