Повеќе од 60 луѓе во петокот навечер останаа заробени во британскиот паб во „Тан Хил Ин“ во планинската област Јоркшир Дејлс, откако хотелот беше навеан со околу три метри снег. Персоналот и гостите три ноќи по ред поминаа во пабот со трибјут бендот на „Оазис“ – „Ноазис“ отсечени од остатокот од светот поради бурата Арвен.

Многумина спиеја на импровизирани кревети на подот, но и покрај тоа признаа дека не сакаа да си заминат. Храна и пијалоци имаше на претек, а гостите беа почестени со кино-проекции, квиз вечер и шведска маса.

Десетици илјади домови во Британија останаа без струја, но друштвото во пабот добро се забавува.

Многу ни е убаво и сите сме расположени… атмосферара е одлична. Се спријателивме, како големо семејство сме, тоа е најдобриот начин да се опише ситуацијата. Една госпоѓа ни рече и дека не сака да замине, изјави Никола Таунсенд (51), која се надева дека откако ќе бидат ослободени, сите ќе останат во контакт.

Вчера, пабот организираше и традиционален ручек пред гостите и вработените заедно да го украсат барот за Божиќ и да се подготват за караоке вечер.


Во меѓувреме, ископан е тунел на влезната врата на пабот, но околните патишта сè уште не се целосно проодни поради урнатите бандери и кабли за струја.

Бурата Арвен досега однесе три животи, а ветровите кои дуваат со брзина од 160 километри на час предизвикаа хаос, оштетувајќи згради и отсекувајќи патишта и пруги, оставајќи најмалку 450.000 домови без електрична енергија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.