Крајнодесничарскиот министер за финансии на Израел Безалел Смотрич го негираше постоењето на палестински народ и рече дека тоа е концепт измислен пред помалку од 100 години.

Не постојат Палестинци затоа што не постои ни палестински народ, рече Смотрич синоќа на настан во Париз.

Концептот, рече Смотрич, го измислиле „некои Арапи во регионот за да се борат против ционистичкото движење“.

Оваа „историска вистина“ мора да се слушне низ целиот свет, вклучително и во Белата куќа во Вашингтон, додаде тој.

Не постои палестинска историја. Не постои палестински јазик, продолжи Смотрич во обраќањето, кое го одржа на хебрејски.

Тој додаде дека луѓето како него и неговите баба и дедо се „вистински Палестинци“ и истакна дека неговото семејство живее во регионот веќе тринаесет генерации.

Палестинското Министерство за надворешни работи реагираше на изјавата на Смотрич и ја нарече „расистичка, фашистичка и екстремистичка“ и поттикнува понатамошна ескалација во регионот.

Коментарите на Смотрич дојдоа откако вчера во Египет продолжија разговорите меѓу палестинските и израелските претставници за да се спречи ескалација на насилството. Тоа беше втор таков состанок за помалку од еден месец.

Функционерите ветија дека ќе работат на деескалација на насилството пред муслиманскиот свет месец Рамазан. Претходните години избувнаа судири меѓу израелската полиција и Палестинците во близина на џамијата Ал Акса во Ерусалим во екот на Рамазан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.