Словачка почна ново масовно корона-тестирање за населението, со цел да се добие појасна слика за раширеноста на вирусот и евентуално да се укинат некои ограничувања за луѓето кои имаат негативен тест на Ковид-19.

Истовремено, тестирањето ќе послужи како основа за димензиониање на новите локални мерки и ограничувања во земјата со 73 окрузи.

Во периодот од денеска до 26 јануари, сите Словаци ќе добијат антигенски тест по што тие што ќе имаат негативен тест ќе може да одат на работа или на патувања во природата.

Ваквата одлука е донесена како компромисно решение меѓу премиерот Игор Матович, кој продолжува да инсистира на масовно тестирање, и неговите коалициски партнери.

Одлучивме да комбинираме блокада со масовно тестирање. Потоа ќе интервенираме во областите каде што треба да се стави ситуацијата под контрола – изјави Матович на прес-конференција.

По завршувањето на тестирањето, од 27 јануари, Словаците на возраст од 15 до 65 години ќе можат слободно да се движат доколку имаат негативен ПЦР или антигенски тест.

Министерот за здравство Марек Крајчи, изјави дека по тестирањето, Словачка ќе биде поделена на 37 лоши и 36 добри окрузи.

Во лошите области скринингот ќе се повтори. Од 3 февруари, за да влезете на работното место ќе треба да покажете негативен тест – изјави Крајчи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.