Словачка ќе инсистира да биде изземена од ембаргото за купување руска нафта доколку руската нафта биде санкционирана од 2023 година, изјави вицепремиерот и министер за економија Ричард Сулик по вонредниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ.

Според него, непречените испораки на нафта од Русија се од витално значење за словачката економија, бидејќи Русија и обезбедува на Словачка 100 отсто од потребите за нафта.

Ова е клучна ставка за нас. Не сме во состојба да се прилагодиме толку брзо. Словнафт преработува тешка руска нафта, а целиот процес на замена може да потрае неколку години, па секако ќе инсистирам на исклучување на Словачка – порача Сулик.

Според Европската комисија, ЕУ од Русија добивала 40 отсто гас, 27 отсто нафта и 46 отсто јаглен.

Западни медиуми пренесуваат изјава од извори од Европската комисија, според кои е многу веројатно дека Словачка и Унгарија ќе бидат изземени, поради нивната силна зависност од руските енергенси.

Според овие извори, за да ја задржи обединета 27-члената Унија, Комисијата може да им понуди на Словачка и Унгарија „изземање или долг период на транзиција“, изјави неименуван претставник на Еврокомисијата.

Се очекува Комисијата денеска да ја финализира работата на следниот, шести, пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзините акции во Украина, кои ќе вклучуваат забрана за купување руска нафта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.