Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени вкупно 3.163.323 лица. Од нив починале 219.332, а оздравеле 975.925 луѓе.

– Коронавирусот ќе го забрза намалувањето на употребата на готовина, бидејќи луѓето долгорочно преминуваат на електронско плаќање, наведуваат експертите. Рестриктивните мерки доведоа до пад на бројот на повлекување пари од банкомат за 60 отсто. Плаќањето со картичка за онлајн пазарење, посебно на прехранбени производи, е зголемено.

– Австриската Влада одлучи, во рамки на олеснување на мерките за борба против коронавирусот, од 4 мај да овозможи посети во домовите за стари и знемоштени лица.

– Франција ќе биде поделена на црвени и зелени зони, изјави францускиот премиер Едуар Филип, претставувајќи план за следната фаза на мерки во борбата против Ковид-19. Сите административни региони во земјата ќе бидат поделени на црвени или зелени, врз основа на три критериуми: број на случаи на коронавирус во период од седум дена, регионални капацитети на оддели за интензивна нега и ефикасност во локалното тестирање и пронаоѓање контакти.

– Швајцарските власти одлучија да ја укинат забраната за социјален контакт меѓу стари лица и деца до 10-годишна возраст, бидејќи научниците заклучиле дека децата на таа возраст немаат развиени рецептори за коронавирус, па затоа не можат ниту да бидат преносители.

– Лекарот Кристијан Шенај, кој има 98 години, продолжува да работи во високоризични околности за време на коронавирусот. Најстариот француски лекар и понатаму секојдневно ги посетува домовите за стари и изнемоштени лица со цел да им даде поддршка.

– Училиштата во Турција ќе останат затворени до крајот на мај, истакна турскиот министер за образование Зија Селџук, потврдувајќи на тој начин дека земјата би можела да ги укине вонредните мерки дури по Рамазан.

– Германија почна со тестирање вакцина против Ковид-19 на луѓето.

– Во Белгија во последните 24 часа се регистрирани 525 новозаразени лица, а 170 смртни случаи.

– Во БиХ е забележено драстично зголемување на бројот на новозаразени со коронавирус, а претставници на здравствените власти во земјата предупредија дека тоа е причина за сериозна загриженост, но и за нови рестриктивни мерки. Во изминатите 24 часа потврдени се нови 90 заразени случаи, што е голем скок во споредба со последните десет дена во кои дневниот просек на новозаразени бил меѓу 30 и 40. Досега во БиХ се регистрирани околу 1.700 заразени и 64 починати од Ковид-19.

– Бројот на заразени случаи во Русија е речиси 100.000, откако денеска се потврдени 5.841 новозаразен. Тоа е нов дневен рекорд, како и бројот на починати во однос на вчера – 108. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „ситуацијата е многу лоша“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.