Експертите се чини ја отфрлиле можноста вирусот „да избегал“од Институтот за вируси во Вухан, како што тврдеше администрацијата на Трамп и на прес-конференцијата во Вухан по мисијата изјавиле дека можноста е „прилично неверојатна“, пишува Франс прес .

„Некои се прашуваа дали некои хипотези (за потеклото на пандемијата) се отфрлени и може да се каже по разговорот со членовите на тимот дека сите претпоставки се сеуште можни“, рече извршниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, на конференција за медиуми.

„Тоа беше многу важна научна задача во многу тешки околности“, истакна Тедрос.

Тој изрази „надеж“ дека првиот извештај на мисијата ќе биде објавен следната недела, а „во следните недели“ и последниот извештај.

Првите заклучоци објавени на прес-конференција на експертите по враќањето од Кина беа исполнети со претпазливост, па дури и со сомнеж, особено во САД.

„Наместо да брзаме со заклучоци што нема да бидат мотивирани од било што, освен од наука, ние сакаме да видиме каде не водат податоците, каде нè води науката и нашите заклучоци ќе бидат засновани на тоа“, рече во вторникот портпаролот на Министерството за надворешни работи на САД, Нед Прајс. ,,Ние целосно ја поддржуваме оваа истрага “.

Американски „Волстрит журнал“ денеска објави дека кинеските власти одбиле да им обезбедат на истражителите необработени, персонализирани податоци за раните случаи на ковид-19.

Овие податоци можат да им помогнат на експертите да утврдат како и кога коронавирусот започнал да се шири во Кина, пишува WSJ, како што објави Ројтерс.

Питер Ембарек, кој ја предводел групата експерти од различни земји и научни дисциплини и кој учествувал на прес-конференцијата, оцени дека истрагата е „успешна“.

„Сега имаме подобро разбирање за тоа што се случи во Вухан во декември 2019 година“, рече тој, истакнувајќи дека ова е „само почеток“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.