Саиф ал-Ислам Гадафи, синот на егзекутираниот децениски либиски водач Моамер ел-Гадафи, се регистрирал во неделата како претседателски кандидат за изборите закажани на 24-ти декември, изјавија за агенциите претставници на националната изборна комисија.

Саиф Гадафи е една од најистакнатите личности за кои се очекуваше дека ќе се кандидира за претседател на Либија, а на таа листа се наоѓаат и воениот командант маршалот Калифа Хафтар чии сили го контролираат источниот дел на земјата, и нему воено спротиставените премиерот Абдул Хамид ал-Дбеибах и претседателот на парламентот Агуил Салах.

Фотографиите дистрибуирани на социјалните мрежи го прикажуваат Гадафи со седа брада и очила, во традиционалната кафена облека и со турбан, како потпишува документи во центарот за регистрација на кандидатите во градот Себа, на југот на Либија.

И покрај јавната поддршка од повеќето либиски партии и фракции, како и од меѓународната заедница, за спроведување на изборите на 24-ти декември, гласањето сѐ уште е неизвесно, бидејќи ривалските страни не можат да се согласат околу правилата и распоредот. На големата конференција посветена на ситуацијата во земјата која во петокот се одржа во Париз беше договорено дека ќе бидат санкционирани сите коишто го нарушуваат или спречуваат гласањето, но сѐ уште нема договор за правилата кои одредуваат кој би можело да се кандидира.

Иако се верува дека Саиф Гадафи веројатно кампањата ќе ја насочи на наосталгијата за периодот на благосистојба во Либија пред бунтот од 2011 година кој го поттикна и поддржуваше Западот и во кој беше соборен и убиен неговиот татко а по што следише деценијата хаос и насилства во земјата, аналитичарите велат дека тој можеби и нема да се промовира како фаворит. Според нив, иако во времето на таткото Гадафи сите добиваа бесплатни станови и образование каде и да сакаат во светот и уживаа во бесплатно и развиен здравствен систем и други погодности, има и многу Либијци кои го паметата тој период како строга автократија, а Саиф ал-Ислам и други лица од тој режим се надвор од власта долго што може ќе им биде тешко да мобилизираат поддршка како и главните ривали.

Либија по соборувањето на Моамер ел-Гадафи е поделена меѓу ривалските страни кои се борат за превласт. Меѓународно признаената Влада која ја сочинуваат исламистичките фракции, со седиште во Триполи, контролира помал дел од државата, додека Либиската национална армија (LNA), лојална на маршалот Калифа Хафтар, чие седиште е во Тобрук, контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.