Во американската администрација расте загриженоста поради нејзината способност да продолжи да ја снабдува Украина со најсовремени системи и муниција во текот на повеќемесечните судири со Русија, објави „Си-Ен-Ен“.

Според наводите на тројца американски службеници на кои се повикува телевизијата, некои од предизвиците со кои САД се соочуваат во поглед на поддршката за Украина вклучуваат „намалување на резервите за оружје и способноста на одбранбената индустрија да се носи со зголемената побарувачка“.

Еден службеник изјавил дека постои „одредена количина на вишок резерви кои Вашингтон може да ги прати во Киев“.

Вашингтон е посебно загрижен поради бројот на расположливи резерви на артилериски гранати од 155 милиметри и ракети за противвоздушна одбрана „Стингер“, се наведува во извештајот.

Освен тоа, постои и загриженост поради производството на одредени оружја како што се ракетите „ХАРМС“, земја-земја ракетите „ГМЛРС“ и противтенковските состави „Џавелин“.

Меѓутоа, извори на „Си-Ен-Ен“ тврдат дека празнењето на резервите не ја загрозува американската национална безбедност, со оглед на тоа дека оружјето за Украина не доаѓа од резервите кои Пентагон ги складира за сопствени непредвидени случаи. Високиот службеник исто така рекол оти проценките дека на САД им снемува оружје се субјективни, бидејќи тоа зависи од тоа колкав ризик Пентагон е подготвен да прифати.

Од почетокот на руската воена операција во Украина, САД и нивните западни сојузници на Киев му дадоа милијарди долари воена помош, а Москва повеќе пати предупредуваше дека испораките само го продолжуваат судирот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.