Неколку шведски компании изразиле подготвеност да ја произведуваат руската вакцина „Спутник“, откако шведската агенција за вакцини одлучи да ја разгледа можноста за воспоставување на нивно производство во Шведска.

Постоечките производствени капацитети не се наменети за такво производство. Меѓутоа, ние секако имаме можност да произведеме вакцина. Не мора нужно да станува збор за изградба на голема фабрика, туку само за обид да се развијат таквите можности со капацитетите што веќе ги имаме – објасни шефот на агенцијата „Винова“, Ларс Хамарстрем.

Координаторот на кампањата за вакцинација во Шведска, Рикард Бергстром, претходно ја соопшти можноста за производство на руската вакцина во нивната земја по преговорите меѓу руската и шведската страна. Сепак, се уште не е познато кои шведски компании преговарале со Руската Федерација.

Според професорот и експерт за вакцини од институтот „Каролинска“, Алија Миразими, во Шведска во моментов се бараат сите достапни вакцини.

Потребни ни се сите вакцини што можат да се набават. Со фабриките што ги произведуваат вакцините „Спутник“ во Европа процесот ќе оди подобро и побрзо, бидејќи ќе биде полесен и посигурен во однос на квалитетот – вели Миразими.

Тој додава дека шведските инспектори ќе може да ги посетуваат производствените капацитети и ќе се забрза процесот на одобрување на вакцините.

Европската агенција за лекови (ЕМА) на 4 март го соопшти почетокот на секвенционираното испитување на „Спутник“. Евриопскиот регулатор за лекови притоа соопшти дека за време на анализата, експертите ќе ја проценат усогласеноста на вакцината со стандардите на ЕУ во областа на ефикасноста, безбедноста и квалитетот.

Според руските податоци, вакцината „Спутник“ досега е регистрирана во 50 земји во светот со вкупно население од над 1,3 милијарди луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.