Главниот шведски епидемиолог, Андерс Тегнел, кој ја смисли стратегијата за борба против коронавирусот, рече дека не може да се исклучи воведувањето нови мерки за Стокхолм.

Тој ова го најави откако биле регистрирани околу 1.200 новоинфицирани и пет смртни случаи во земјата во последните пет дена, во споредба со околу 200 случаи на ден во последните неколку недели.

Разговараме со Стокхолм за тоа дали треба да се воведат мерки за намалување на ширењето на инфекцијата. Што точно ќе се случи ќе видиме во следните неколку дена, рече Тегнел.

Тој изјави дека просечниот број на новозаболени лица расте, но додаде дека ова сè уште не влијае на здравствената заштита затоа што бројот на нови случаи и бројот на смртни случаи е многу мал.

Агенцијата за јавно здравје објави дека зголемувањето на бројот на нови случаи не може да се објасни само со засилено тестирање, пренесува Радио Слободна Европа.

Стратегијата на Шведска, која ја нагласува личната одговорност, а не строгите ограничувања и блокади, се најде под жестока критика по смртните случаи забележани во текот на пролетта, но официјалните лица на СЗО исто така ја пофалија за нејзиниот одржлив модел.

Шведска досега пријавила 5870 смртни случаи од почетокот на пандемијата, многу повеќе по глава на жител од нејзините соседи, но и пониска од земјите како Шпанија и Италија кои се определија за многу строги мерки и блокади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.