Шведска направи уште еден чекор кон нормализирање на секојдневниот живот на своите граѓани, укинувајќи ја од 1-ви ноември обврската за тестирање за коронавирусот за сите целосно вакцинирани лица, за лица кои неодамна се заразиле со ковид-19 и деца до шест години.

На редовната неделна прес-конференција на Шведскиот институт за јавно здравје, беше објаснето дека споменатите категории граѓани треба едноставно да останат дома додека не се опорават во случај на симптоми. Тие можат да се вратат на работа, колеџи или училишта без тестирање, откако еден ден немаат треска, дури и ако сите симптоми на болеста не престанале.

За оние кои не се вакцинирани против ковид-19, сѐ уште постои обврска да се тестираат во случај на симптоми. Истото важи и за контактите на таквите лица, вработените во домовите за стари лица, здравствените работници и сите патници што влегуваат во Шведска од континентална Европа – објасни Карин Тегмарк Висел, заменичка на главниот државен епидемиолог Андерс Тегнел.

Пред две недели ги укина сите мерки, ситуацијата се подобрува

Оваа одлука е последица на подобрувањето на епидемиолошката состојба во Шведска, која и покрај укинувањето на сите претходни мерки пред две недели, одржува ниска стапка на инфекција и смртност од ковид-19. Во последните две недели, Шведска има 81 инфекција со коронавирус на 100.000 жители, што ја сместува меѓу десетте европски земји со најниска стапка на инфекција.

Продолжуваме да го регистрираме ширењето на коронавирусот, но на стабилно и релативно ниско ниво во споредба со претходните периоди. Околу 140.000 ПЦР тестови се изведуваат неделно, а стапката на позитивни наоди е три проценти – рече Тегмарк Висел.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.