Швајцарската Влада соопшти дека се воздржува од воведување санкции против Русија, кои беа усвоени од ЕУ и оти за нив ќе одлучи откако ќе ги разгледа.

Владата нагласи дека тоа не значи дека Швајцарија сака да ги заобиколи санкциите што ЕУ ги воведе против Русија.

Затоа санкциите ќе се проучат и потоа ќе се донесе одлука. Владата е во постојан контакт со неколку земји за размена на информации за ситуацијата на терен – се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека Швајцарија би можела да усвои мерки за спроведување санкции усвоени од Обединетите нации, ОБСЕ или главните трговски партнери на Швајцарија за да се обезбеди усогласеност со меѓународното право, особено во областа на почитувањето на човековите права.

Швајцарската влада го осуди признавањето на независноста на Доњецк и Луганск од страна на Русија, оценувајќи дека тој со чин „е прекршено и меѓународното право и суверенитетот на Украина“.

Швајцарија, како неутрална држава, во 2014 година не ги усвои санкциите воведени од Европската Унија против Русија поради припојувањето на Крим, туку примени свои регулативи создадени да спречи нејзиниот финансиски систем да се користи за заобиколување на мерките на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.