Германскиот весник „Шпигел“ пишува дека Русија распоредува десетици илјади војници на границата со Украина, а сателитски снимки покажуваат дека на полуостровот Крим се појавила огромна воена база.

Весникот прецизира дека воениот објект е „подигнат“ во источниот дел на полуостровот, на околу 30 километри од селото Марфовка.

Сателитските снимки, кои му се достапни на „Шпигел“, покажуваат дека таа област била празна на 15 март. Од 2 април таму е забележано распоредување на војници и воена опрема. На 13 април, веќе можело да се видат изградени објекти и акумулирање на значителни воени ресурси.

Фотографии од изминатите недели на социјалните мрежи покажуваат дека преку Кримскиот мост се пренесуваат ракетна опрема и тенкови.

Освен на Крим, Русија префрла и гради времен воен камп во близина на Воронеж. Таму се концентрирани тенкови и камиони – истакна Руслан Левиев, аналитичар од организацијата „Conflict Intelligence Team“.

Тој посочува дека тоа е најголема акумулација на руска воена моќ на границата со Украина од 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.