Семејствата во Шпанија ќе можат заедно да го прослават Божиќ, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез пред средбата со регионалните лидери за начините за борба против варијантата на коронавирусот омикрон, која брзо се шири.

Бидејќи речиси 80 отсто од населението во Шпанија е вакцинирано, а се забрзува и кампањата за вакцинација со бустер доза, земјата во голема мера беше поштедена од бранот на зараза што оваа есен доведе до построги епидемиолошки мерки во неколку северноевропски земји.

Сепак, појавата на омикрон предизвика вртоглаво зголемување на бројот на заразени, така што во вторникот беа регистрирани речиси 50.000 нови случаи, но бројот на приеми во болница и пациенти на одделот за интензивна нега остана релативно низок во споредба со претходните бранови на зараза.

Не грижете се, семејствата ќе можат да го прослават Божиќ – рече Санчез пред шпанскиот парламент.

Шпанија пружи отпор, не се откажа и напредува, додаде тој.

Според податоците објавени во вторникот, омикрон чини приближно 47 отсто од сите случаи во Шпанија, што е огромен пораст во споредба со забележаните 3 отсто минатата недела.

Санчез закажа состанок на регионалните лидери за да се утврди заеднички пристап во борбата против порастот на бројот на случаите.

Според децентрализираниот административен систем во Шпанија, регионалните лидери се одговорни за индивидуалните здравствени политики.

Сепак, сериозните политички разлики меѓу нив прават согласноста на национално ниво за било што да е тешко достижна, освен за најосновните ограничувања.

Во Каталонија, каде одделенијата за интензивна нега се двојно позафатени од националниот просек кој изнесува 30 проценти, администрацијата нареди затворање на ноќните клубови и побара согласност од судот да се воведе полициски час, најстрогите достапни мерки без прогласување вонредна состојба на национално ниво.

Од друга страна, градоначалничката на Мадрид Изабел Дијаз Ајусо која извојува убедлива победа оваа пролет, откако вети благи мерки, рече дека ќе ги остави угостителските објекти отворени што и да се случи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.