Шпанската полиција заплени повеќе од два тона кокаин и уапси 12 лица, наводно, поврзани со мрежа на шверцери на дрога, кои имаат врски во Парагвај и Бразил.

Според шпанската полиција, членовите на криминалната група се обиделе да ги прикријат своите траги со легитимни зделки, а истрагата, која траела повеќе од една година, кулминирала со заплена на 2,28 тони кокаин, скриен во пратка од 40.000 килограми јаглен во пристаништето Алгесирас, во јужниот дел на Шпанија.

Пред една година, полицијата идентификуваше двајца членови на криминалната група во Мурсија и Севиља, кои наводно се занимавале со легален бизнис за увоз на јаглен од Јужна Америка, а поради пандемијата на Ковид-19, групата го префрли својот бизнис од Барселона во Алгесирас кон средината на април минатата година.

Водачите на криминалната мрежа ангажирале луѓе да работат пред увозните компании со цел да ја прикријат нивната вмешаност, а тие переле пари во Валенсија.

Тие, исто така, користеле криптовалути за да ги прикријат парите, како што прават многу други криминални групи во Источна Европа и Јужна Америка.

Во текот на истрагата, полицијата прислушувала повеќе од 100 телефони и следела осомничени во голем број шпански провинции. Извршени се претреси во 16 куќи и компании.

Од 12 уапсени, шестмина се наоѓаат во притвор, додека шестмина се ослободени под посебни услови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.