Шпанската Влада ја поздрави денеска одлуката на Европскиот парламент да им го укине имунитетот на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон и двајца негови соработници, што претставува победа за владеењето на правото и пораз за оние кои се залагале за отцепување на Каталонија од Шпанија.

Министерката за надворешни работи Аранча Гонзалес-Лаја изјави дека одлуката на ЕП покажува дека Пуџдемон и неговите соработници не можат да се кријат зад своето пратеничко место и на тој начин да избегнат појавување пред националното правосудство.

Таа нагласи дека одлуката на Европскиот парламент значи оти „проблемите на Каталонија се решаваат во Шпанија, а не во Европа“.

Карлес Пуџдемон, Тони Комино и Клара Понсати во 2019 година освоија места во ЕП и на тој начин се стекнаа со имунитет како европарламентарци.

За укинување на пратеничкиот имунитет на Пуџдемон гласаа 400 пратеници, 248 се изјасниле против, а 45 биле воздржани.

Пуџдемон и неколкумина негови колеги избегаа во Белгија во октомври 2017 година, стравувајќи од апсење поради референдумот за независност на Каталонија, кој Шпанија го прогласи за нелегален.

Адвокатскиот тим на поранешниот каталонски лидер планира да поднесе жалба поради укинувањето на имунитетот пред Европскиот суд за правда во Луксембург.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.