Бројот на заразени во светот вчера надмина 1.000.000 случаи и 50.000 починати. Според денешните податоци на „Ворлдометерс“, вкупно во светот има 1.015.877 заразени, 53.218 починати и 212.993 излекувани.

Кога минатата недела првото место од Кина го презеде Италија по бројот на заболени случаи, но и починати, пред неколку дена на прво место со најмногу случаи стигнаа САД, каде што, според процените, поради коронавирусот, би можеле да починат и до 240.000 Американци.

Во Америка се забележани 245.380 случаи и 6.095 починати. Најлошо е во Њујорк. Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендру Куомо, изјави дека во неговата држава има 92.381 заразен со коронавирус, што сочинува 10 проценти од вкупниот број заразени во целиот свет. Од вчера новозаразени се 8.669, а починале уште 432 луѓе или вкупно 2.373.

Добра вест е тоа што сè повеќе оздравуваат, но уште не знаеме кога ќе го достигнеме врвот на болеста. Според моделите ,тоа можеме да го очекуваме за седум до триесет дена. Но, проблем е тоа што немаме доволно респиратори. Ќе останеме без нив за шест дена – рекол Куомо и додал дека очекува околу 16.000 жртви во Њујорк.

Италија и Шпанија со САД се единствени земји во светот со над 100.000 случаи.

Шпанија утрово ја надмина Италија по бројот на заразени со коронавирус, има 117.710, а само во еден ден починале 932. Вкупно смртни случаи во Шпанија досега има 10.935. Над 30.000 оздравеа. Во Италија бројот на заразени е 115.242, на починати 13.915, а на оздравени е 18.278.

Жртви на коронавирусот најчесто се постари лица, но многубројни случаи покажаа дека болеста може да ги погоди и децата со силен имунолошки систем. Таквите случаи ги вклучуваат и смртта на 13-годишни деца во Франција и Велика Британија, како и 12-годишничка во Белгија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.