Шпанија од денеска го намали ограничувањето на брзината за управување со автомобили во градовите – од 50 на 30 километри на час. Целта е да се намали бројот смртни случаи во сообраќајните несреќи.

„Помала брзина, повеќе живот во градот” – е пораката под којашто Шпанскиот генерален директорат за транспорт ја воведе новата мерка. Возачите во поголемите градови, како Мадрид, Барселона, Билбао и Севиља од денеска, на некои улици каде што минуваат повеќе пешаци, ќе смеат да возат со само 20 километри на час.

Сите политички партии ја поддржаа оваа мерка. Тоа ќе ги направи пешачењето и возењето велосипед поудобно, а јавниот превоз ќе се користи повеќе, рече Алфонсо Гил, од градската управа на Билбао.

Кога автомобилот вози со брзина од 50 километри на час, според тамошни познавачи, опасноста од смрт во несреќа е 90 отсто, а при брзина од 30 километри на час, тоа е само 10 отсто.

Идејата за намалување на брзината во шпанските градови се појави 2010 година, а од 2013. воведен е пилот-проект во повеќе градови, што ги потврди очекувањата за помалку смртни случаи. Европската комисија, пак, извршно тело на Европската унија, предложи план со цел – „0 смртни случаи во сообраќајни несреќи во 2050 година”.

Во Шпанија, според податоците на Европската комисија, бројот на смртни случаи опаднал за 31 отсто од 2010 до 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.