По договореното примирје во појасот Газа, Шпанија го повика светот да ја признае Палестина во рамки на иницијативата на Обединетите нации за формирање две држави, но не наведе кога самата тоа би можела да го направи.

ОН како трајно решение за блискоисточниот конфликт го иницираше таканареченото „решение со две држави“, Израел и Палестина со границите од 1967 година, но Израел го одбива тоа и продолжува да гради населби на окупираните палестински територии.

Во моментот кога навршуваат 30 години од конференцијата во Мадрид со која почна мировниот процес на Блискиот Исток, оваа нова епизода на насилство повторно покажа дека само политичко решение засновано на две држави, Израел и Палестина, може да придонесе на прекинување на цикличното насилство и губењето човечки животи. Решението со две држави кои би живееле една крај друга во мир и безбедност би донело стабилност во регионот – соопшти шпанското министерство за надворешни работи.

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, во 2015, кога не беше на функција, најави дека ќе ја признае Палестина кога ќе дојде на власт. Но, откако стана премиер во 2019 година, сè уште го нема направено тоа.

Левичарскиот Унидас подемос, малцинскиот партнер во социјалистичката влада на Санчез, инсистира на признавање на Палестина. Палестинската независност досега ја признале осум членки на Европската Унија – Шведска, Кипар, Словачка, Унгарија, Бугарија, Малта, Полска и Романија.

По жестоките судири во последните десетина дена, со посредување на Египет беше договорено примирје во појасот Газа.

Здравствените власти во Газа соопштија дека со израелските воздушни напади загинале 232 Палестинци, вклучувајќи 65 деца, а над 1.900 луѓе биле ранети. Израелските власти, пак, јавија за 12 загинати и стотици повредени во Израел во ракетните напади на палестинските екстремисти кои предизвикаа голема паника во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.