Американските здравствени власти одлучија да се сопре употребата на вакцините на „Џонсон и Џонсон“ поради неколку случаи на згрутчување на крвта.

Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) соопшти дека одлуката е донесена поради претпазливост.

Центарот за контрола и превенција на болести истражува шест случаи на редок, но сериозен тип на тромбоза кај поединци кои ја примиле оваа вакцина. Засега се чини дека овие несакани ефекти се крајно ретки. Предлагаме пауза во употребата на вакцината од претпазливост – објави ФДА на Твитер, додавајќи дека станува збор за мозочна синусна тромбоза.

Според ФДА, овој тип на тромбоза бара различно лекување од вообичаено, при што лекувањето со коагулантот „хепарин“ би можело да биде опасно.

Според „Њујорк тајмс“, сите шест случаи на тромбоза се кај жени на возраст од 18 до 48 година, при што една починала, а друга била во критична состојба.

Досега се регистрирани шест случаи на тромбоза меѓу дадените 6,8 милиони дози од оваа вакцина, која засега се користи само во САД. Ова следува по слични ретки случаи со вакцината на „Астра-Зенека“, што доведе до нејзино ограничено користење во низа земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.