Симболот на Париз, познатата катедрала Нотр Дам вчера беше зафатена од голем пожар, кој предизвика огромна штета. И додека светските медиуми известуваат за трагичниот настан, овој сатиричен весник го искористи за да го „боцне“ претседателот Емануел Макрон.

На насловната страна на весникот се наоѓа карикатура на Макрон, кому од главата му излегуваат двете запалени кули од катедралата Нотр Дам. На црвена позадина со бели букви пишува „реформи“, а покрај Макрон има облаче во кое пишува „Ќе почнам од рамката“, што е референца на сетот мерки кои претседателот требаше да ги претстави синоќа во телевизиско обраќање, но и поради фактот дека „рамката“, односно покривот на катедралата е целосно уништен во синоќешниот пожар.

Дел од корисниците на Твитер коментираа дека овојпат „Шарли Ебдо“ бил „преблаг“ во однос на претходните случувања, како што беше случајот со земјотресот во Италија во кој имаше стотици ранети и загинати.

„Шарли Ебдо“ е познат по исмејувањето политичари и други јавни личности, но често е изложен на критика поради цртежите за религија, различни катастрофи и терористички напади, и во земјата и во странство.

Откако во 2015 година објавија карикатура за пророкот Мухамед, двајца вооружени исламски екстремисти влегоа во просториите на редакцијата и убија 12 лица, меѓу кои и познати карикатуристи во списанието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.