Членови на семејствата на луѓе кои починаа како резултат на заразата со корона вирусот во Италија, преземаат законски чекори против премиерот, министерот за здравство, како и претседателот на регионот Ломбардија. Тие ќе преземат законска постапка поради небрежност при справување со кризата предизвикана од пандемијата.

Членовите на семејствата на 500 починати поднеле граѓанска тужба во провинцијата Бергамо, која беше сериозно погодена за време на првиот бран на пандемијата на корона вирусот. Тие тврдат дека тројцата функционери Џузепе Конте, Роберто Сперанца и Атилио Фонтана, се соучесници во смртта на скоро 70 илјади луѓе кои починале од корона вирус.

Во тужбата се наведува дека тројцата функционери се одговорни затоа што не ги ставиле навреме во карантин градовите Алзано, Ломбардо и Нембро на крајот на февруари и покрај препораките на научниците. Се тврди дека тие не го надградиле националниот план ниту го спровеле регионалниот што требало да биде направено.

Адвокатката Консуело Локати, која ги застапува семејствата на починатите, бара по 259 илјади евра обештетување за секое семејство. Судската постапка беше иницирана од групата „Нои Денункремо“ (ќе го откажеме)“, која од март ги собира членовите на семејствата на починатите. Групата досега има поднесено околу 300 жалби до локалните власти како дел од истрагата што ја почна обвинителството во Бергамо во јуни, во кои детално се опишува за тоа како починале жртвите.

Локати вели дека за време на истрагата, не биле идентификувани виновници или криминалци по претставките доставени до обвинителството. Но, таа објасни дека истражувањето што го спровеле последните месеци довело до откривање кој е одговорен и тие одлучиле да покренат граѓанска постапка.

Според законот во Италија, потребно е да се има адекватен национален план, а регионалните власти мора да го спроведат регионалниот план според него – изјави адвокатката.

Локати додава дека не само што националниот план е застарен, туку воопшто не е тестиран за да се види дали работи.

Италија беше прва европска земја погодена од пандемијата. Планот, кој беше на сила за време на пандемијата во Италија, датира од 2006 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.