Австрија е само една од 17 европски земји кои добиле вакцини на „АстраЗенека“ од серијата дози чија употреба австриските власти ја запреа поради истрага на смртен случај и болест по нивната употреба.

Медицинска сестра (49) во Цветл, град северозападно од Виена, починала од сериозно нарушување на коагулацијата на крвта откако ја примила вакцината. Друга медицинска сестра (35) од Цветл која добила доза од истата серија, АБВ 5300, развила белодробна емболија и сега се опоравува.

Ги информиравме сите европски колеги во европската мрежа затоа што оваа серија, составена од приближно еден милион дози, е испратена во 17 европски земји. Комитетот за проценка на ризик од фармаковигилантност на Европската агенција за лекови (PRAC), кој ја надгледува безбедноста на лековите, расправаше за случајот што се случи во понеделникот – изјави Криста Виртумер-Хош, шефица на телото за надзор на пазарот на лекови на австриската агенција за јавно здравје AGES, која е и претседател на управниот одбор на ЕМА.

Таа не ги идентификува земјите и не соопшти какви чекори преземаат.

Од „АстраЗенека“ соопштија дека компанијата е во контакт со австриските власти и дека целосно ќе ја поддржи истрагата.

Англиско-шведската компанија соопшти дека сите серии биле предмет на строга и ригорозна контрола на квалитетот и дека „нема потврдено никакви сериозни несакани дејства поврзани со вакцините“.

Се прави аутопсија врз телото на медицинската сестра, а Криста Виртумер-Хош соопшти дека очекува резултати следната недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.